Промоција на „Viola arsenica; белешки за поезијата“ од Влада Урошевиќ

Во рамки на фестивалот на европската литература „Букстар“, ќе се одржи промоција на книгата „Viola arsenica; белешки за поезијата“ од Влада Урошевиќ. Книгата е заедничко издание на издавачката куќа „Готен“ и Македонската академија на науките и уметностите.

Промоцијата ќе се одржи во Младинскиот културен центар на 12 октомври, со почеток во 21 часот. За книгата ќе зборува Владимир Мартиновски, а извадоци ќе читаат Ана Голејшка-Џикова и Иван Шопов.

„Viola arsenica; белешки за поезијата“ e книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата“, објаснува издавачот.

Во својот текст „Книга-библиотека или чудесна наука“, Венко Андоновски вели: „Сјајна е оваа книга, возбудлива. Не само затоа што и не е книга, туку цела ‘зипувана’ библиотека туку и затоа што може да се чита од секаде. Таа има безброј почетоци и безброј краеви (еден од идеалите на борхесовците во нарацијата): каде и да ја отворите, таа и почнува и завршува. Имате впечаток дека стоите, а се движите со брзина на светлината низ поетските галаксии.