Промоција на стихозбирката „Јас сум Цако“ од Александар Матовски – Цако

Промоцијата на стихозбирката „Јас сум Цако“ ќе се одржи на 25 овој месец во Кино „Фросина“ со почеток во 19 часот.

Песните на Александар Матовски – Цако се нежни и едноставни. Ги ниже како бисери, за секоја драга личност по една. Запишани се онака како што ги доживува, како лирски слики. Од нив извира чиста емоција од некој кој животот го живее со полни гради. Токму таа, љубовта, е централна тема во поезијата на Цако. Кон дедо му, семејството, неговиот идол Тоше, жените, природата и животот воопшто. Тие се парчиња од мозаикот што ја сочинуваат синтагмата „Јас сум Цако“. Неговата поезија, како и сѐ она што го прави тој, се вистинска инспирација за лицата со попреченост.

Александар Матовски – Цако е роден на 3.2.1991 година. Иако роден со Даунов синдром, тој е вклучен во редовниот воспитно-образовен систем. Основното образование го завршил во училиштето „Димо Хаџи Димов“, а средното во текстилното училиште „Кочо Рацин“. Во 2019 година дипломираше на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на групата предучилишно образование. Тој е член и на здруженијата Инклузивни решенија КРИК и „Трисомија 21“. Автор е на радиоемисијата „Јас сум Цако“, која веќе пет години еднаш месечно се емитува на интернет-радиото „Радио Моф“.

Јас сум Цако

Тој е голем активист и борец за човекови права и правата на лицата со посебни потреби. Цако зел учество со сопствена презентација на Светската конференција за лица со Даунов синдром во Обединетите нации. Поезија почнал да пишува на осумнаесетгодишна возраст.

Книгата со поезија е во издание на „Арс Либрис“, а е достапна во книжарниците „Литература.мк“, како и онлајн на нивната веб страна.