Промоција на сликовницата „Какво е времето таму горе“ и работилница „Како се создава сликовница?“

Сликовницата „Какво е времето таму горе? / Wie ist das Wetter da oben?“ која е достапна и на македонски и на германски јазик, а е објавена во „Чудна Шума“, ќе биде промовирана во вторник, 19 октомври, со почеток во 18 часот.

Промоцијата ќе се одржи пред „Училница“, на Мал плочник зад Соборниот храм, а на промоцијата присутните ќе имаат шанса да се сретнат со дванаесетгодишната Леона Стојковска, авторка на сликовницата и илустраторката на сликовницата Јулијана Росоклија.

На промоцијата, со авторката и илустраторката ќе разговара авторката Билјана С. Црвенковска од „Чудна шума“.

Какво е времето таму горе? / Wie ist das Wetter da oben?“ е резултатот кога едно девојче ќе смисли приказна со интересни ликови, преку која ќе им го приближи и ќе им го направи забавно учењето на германскиот јазик на нејзините врсници.

„Сликовницата е полна со интересни, хумористични ситуации во кои главните ликови – едно глувче и една жирафа, разговараат со кратки дијалози (прашање – одговор, на германски и на македонски) – кои децата лесно ќе ги запомнат и со тоа ќе ги научат не само германските зборови, туку и цели фрази и реченици“, пишуваат од „Чудна шума“.

По разговорот ќе следува и работилница за креативно пишување за деца предводена од Црвенковска, на која децата ќе научат како се создава сликовница, а со помош на Јуле, истата ќе биде илустрирана. За да се пријавите на еднодневната работилница, потребно е да ја пополните онлајн регистрацијата за учество.

Настанот ќе се одржи според сите протоколи и актуелни мерки за заштита од Ковид-19, според кои ќе може да се присуствува само со сертификат за извршена вакцинација, односно применa најмалку една доза вакцина или сертификат за прележан Ковид-19 во изминатите 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.