Промоција на новата сликовница „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров

Новата сликовница „Рокчето“ од поетот Никола Маџиров, со илустрации на Анета Илиевска, ќе биде промовирана на 30 јануари (вторник), во 19 часот, во новата книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Дајмонд мол“.

Книгата ќе ја промовираат Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Рокчето“ е прва книга за деца на Никола Маџиров, еден од најистакнатите и најпреведуваните современи македонски поети во светот.

„Зачувувајќи ја својата препознатлива поетичка нишка, Маџиров напишал авторска бајка според истоимената приказна од струмичкиот крај собрана од фолклористот Иван Котев. Во неа, Маџиров еднакво е и поет и раскажувач. Формата „приказна во приказна“ во текстот на Маџиров е изведена многу лирски. Во наше, сегашно време, дедо му ја раскажува приказната за рокчето на својот внук. Читателите ја слушаат/ја читаат приказната, заедно и истовремено со детето-главен лик. Ваквото раскажување на две нивоа: во сегашноста како рамка на минатото, во современоста како рамка за традицијата, е видливо и во илустрациите на Анета Илиевска, кои исто така се на две нивоа: еден е ликовниот израз на страниците каде што дедото и внукот се сами во наше време (модерен), друг – во приказната што дедото му ја раскажува на внукот (фолклорен)“, се вели во најавата за промоцијата.

Посебноста на оваа сликовница, како што се наведува, е во тоа што на крајот сè се поврзува со сè, односно минатото со сегашноста, традицијата со совремието, приказните со поезијата, народното творештво со авторскиот израз.

Маџиров е роден во 1973 година. Досега има објавено десетина книги на македонски јазик, вклучително и изборите поезија, а уште толку има објавено во земјите во странство. Како преведувач се јавува на петнаесетина книги поезија, раскази и романи. Неговата поезија е преведена на четириесет јазици во над педесет земји и објавувана во антологии и списанија во Европа, САД, Азија, Африка, Латинска Америка и Австралија.