Промоција на „Нова Атлантида“, последното дело на Петре Бакевски утре во МКЦ

Последното дело од истакнатиот македонски писател Петре Бакевски, „Нова Атлантида“, ќе биде промовирано утре (23 ноември) во 19:00 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Станува збор за последната книга на којашто Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година. Изданието е сочинето од три пеења: „Бротче од хартија“, „Ecce homo“ и „Јазол од ветрови“. Првиот дел, односно првата верзија од книгата е првично објавена во 2008 година и притоа ја доби наградата за најдобра поема, „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина под насловот „Нова Атлантида“.

По првпат, во издание на „Арс Ламина – публикации“ од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша критичарката и есеистка Јелена Лужина.

„’Нова Атлантида’, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии“, информираат од издавачката куќа.

Промотори на книгата ќе бидат Јелена Лужина, новинарот и колумнист Ерол Ризаов и уредничката во „Арс Ламина, Татјана Димовска-Атанасова, а модераторка на настанот ќе биде Ана Зафирова.

Книгата е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во рамките на која издавачката куќа „Арс Ламина“ досега реобјави дел од творештвото на Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.

Петре Бакевски е еден од најзначајните македонски писатели, интелектуалци и книжевници. Беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“. Добитник е на низа награди и признанија во македонската културна сфера и пошироко. Неговата книжевна биографија вклучува поетски и прозни текстови и драми.