Промоција на модната колекцијата „Спомен на еден град“ од Мирјана Јосифовска

„Спомен на еден град“ е прва модна колекција на Мирјана Јосифоска. Инспирацијата за колекцијата доаѓа од нејзиниот роден град, Тетово. Темите кои ги опфаќа колекцијата се миграцијата на младите луѓе, загадувањето на воздухот, како и преголемата консумација на текстилни материјали од синтетичко потекло. Ова не се само проблеми во Тетово, туку и проблеми на нашето општество.

Промоцијата на модната колекција на Јосифовска ќе се одржи во сабота, на 23 јануари со почеток во 18 часот.

„Целта на овој проект е да подигне свест за овие проблеми кои особено ги засегаат младите луѓе во нашата земја. Облеката во проектот е речиси целосно создадена од материјали од природно потекло, најчесто од македонски производители на текстил. На овој начин се промовира употребата на македонски текстил при процесот на дизајнирање“, објаснуваат организаторите.

Тие додаваат дека одржливоста е дел од идентитетот на брендот, па одредени парчиња облека се создадени од текстилен отпад од текстилни работилници.

Друг аспект на одржлива мода кој брендот го негува е мултифункционалната мода. Па така, некои парчиња од колекцијата можат да се носат на повеќе начини.

Покрај колекцијата, на настанот ќе бидат изложени и рекламни видеа за кампања на колекцијата, илустрација и фотографии од колекцијата. „Спомен на еден град“ е работен во соработка со „Џолев и уметностите“, како и со нивни алумни.

Илустрациите за проектот се на Марио Манески, фотографиите на Антонио Станков, а за видеото е одговорен Стојан Ајтов.

Настанот ќе биде реализиран согласно протоклите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители ќе биде органичен, а носењето маска за време на целиот настан како и дезинфекција на рацете при влез е задолжително.

Во продолжение, погледнете ги илустрациите на Јосифовска.

#ИнстаИлустрации – Мирјана Јосифоска