Промоција на „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“ и концерт на „Светлост“ во „Лабораториум“

Во Лаб Кафе (Лабораториум) во сабота, 20 јануари, ќе се случи промоција на „Крај Вардарот Сесии во Аудиокултура“, 45-тото по ред издание на дискографската куќа „ПМГЏез“.

„Се работи за албум снимен целосно во живо, во најдобриот скопски интимен концертен простор, Аудиокултура. Седум концерти, курирани од ‘ПМГЏЕз’, организирани во соработка со извонредните домаќини, кои дадоа неверојатно квалитетен материјал, од кој произлезе овој единствен жив македонски жив албум, по ‘Акустична Траума’ на Леб и Сол од 1982. За реализација на ова извонредно парче винил, од големо значење беше продлабоченото разбирање на софистицираната култура на господата од Божиновски (часовници и накит), кои беа третиот партнер во реализацијата на овој проект“, стои во најавата.

Од лабелот велат дека современа квалитетна македонска музика има многу, но мал дел од неа се наоѓа на винил.

„ Вљубениците во квалитетниот звук добро разбираат што ова значи. Напорите на ПМГЏез се секогаш во правец на подигање на квалитетот на понудата, а ова парче винил ги има сите атрибути на актуелниот македонски соничен, но и модерен културен идентитет. Неочекувана музичка комбинација, спој на навидум неспоиви практики и артисти, вистинска награда за пребирливите слушатели. Плоча која едноставно мора да ја имате. Проблемот е што има многу малку копии. Затоа побрзајте да ја набавите на оваа промоција, со оглед на тоа дека не можеме да гарантираме дека ќе биде достапна понатаму“, се вели во најавата.

Оваа саботна вечер во „Лаб Кафе“, освен музика и плочи по промотивна цена, посетителите ќе можете да уживат и во настапот во живо на џез составот „Светлост“, перјаница на дискографската куќа „ПМГЏез“. „Светлост“ ќе се претстават со нов материјал, а ќе настапат во нивниот базичен трио формат.