„Чиста околина“ и „Светлост“ настапуваа во МКЦ, денеска нова тура настани на „Омнибустопија IV“

Работилница на тема кат-аут анимација, јавна дискусија за интерсекцијата меѓу уметноста, политиката и идеологијата, претставување на мултимедијалната инсталација „Процеп“, но и диџеј сет и свирка во живо беа настаните на агендата од првата вечер од „Омнибустопија IV“.

Организаторот „Аксиома“ ова четврто издание на „Омнибустопија“ го карактеризираше како најамбициозно и со најквалитетна програма, а синоќешниот евент во МКЦ беше заокружен со несекојдневен концерт меѓу „Чиста околина“ и „Светлост“.

Ова беше уникатна спојка, сонична синтеза од само навидум неспоиви музички изрази. Музичарите на бината претставија деконструирани и импровизирани верзии на песните на „Чиста околина“, отсвирени во отворена и можеби неповторлива форма.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Engage Kicks & Gigs (@radiomofmusic)

„Омнибустопија“ продолжува денеска од 16 часот во Џебното кино на МКЦ, каде продолжува работилницата на мултимедијалниот уметник Владимир Лукаш, во соработка со уметниците-аниматори од Флипбук филм фестивалот, Жарко Ивановски и Крсте Господиновски.

Во киното „Фросина“ од 20 часот ќе има јавна дискусија за новиот џез бран во Македонија, кој според организаторите почна целата сцена незадржливо да ја носи во нови насоки и кон нови предизвици.

„Примери: изборот на албумите на групите Светлост, Taxi Consilium и Sethstat (сите издадени за PMGJazz) на листите на Bandcamp; големиот успех на Џијан Емин и неговите бројни оркестри и соработки со Франческо Беарцати, А.Р. Рахман, Дерик Меј, Лука Аквино, Архангел, Боб Стјуарт, Тони Китановски, Дамо Сузуки… Модератор на дискусијата ќе биде Вангел Ноневски, а гости ќе бидат истакнатите претставници на домашната џез сцена: Џијан Емин (Здружение на џез музичари) и Владан Дробицки (PMGJazz)“, се вели во најавата.

Во 21:30 часот во галеријата на „Фросина“  ќе биде претставена изложбата на цртежи „NI/AI“ на Ертунч Сали, ликовен уметник од Скопје.

„Како еден од основачите на КЦ ‘Кула’, Сали има организирано разновидни културни настани и свои изложби. Во 2014 година го организира првиот настан во КЦ ‘Кула’, којшто воедно беше неговата прва самостојна изложба. Во следните три години бил член во повеќе групни изложби и организирал шест самостојни изложби. Изложбата ‘NI/AI’ се состои од авторски дела, но и дела генерирани во MidJourney, AI-поддржана програма, која што текстовите ги претвора во слики“, информираа од „Аксиома“.

Дансинг салата на МКЦ од 22:30 е резервирана за концерт на српското инструментално фанк-рок трио „Popečitelji“. Се работи за состав што постои уште од 1994 година, оформен во Приштина, а денес со седиште во Крагуевац.

„По неколкугодишна пауза, минатата година Popečitelji го издадоа својот четврти студиски албум Uvek и, со тоа, го зацврстија своето место како една од конзистентно најквалитетните бендови во регионот. Нивните концерти редовно се паметат по енергичноста на настапот, виртузноста на инструменталистите и ентузијастичката рецепција на публиката. Бендот, исто така, стои зад издавачката куќа Druga stvar, која е специјализирана за промовирање и издавање инструментална рок/фанк/блуз музика од регионот. Во Скопје немаат настапувано повеќе од десет години. Не пропуштајте! ‘Popečitelji’ се: Саша Фуруновиќ (гитара), Горан Фуруновиќ (бас гитара) и Душан Лазиќ (тапани)“, стои во најавата.

Сите настани се бесплатни, освен концертите, за кои ќе се наплаќа билет од 200 денари. Блок билетот за двете вечери изнесува 300 денари.

Настанот е поддржан од Министерството за култура. Организаторот на настанот – Асоцијација за културна соработка и истражување „Аксиома“ е воден од Вангел Ноневски, Јордан Шишовски и Владимир Лукаш (воедно и дизајнер на каверот за настанот).

Бојан Шашевски