Промоција на книгата „Моделирање на институциите во уметноста и културата“ во четврток во КИЦ

Во четврток (13 октомври) со почеток во 19 часот и 19 минути во Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје ќе се одржи промоција на книгата „Моделирање на институциите во уметноста и културата“ од Биљана Тануровска Ќулавковски. Книгата ќе се промовира во Салон – Империјал 2, а промотори се Лорета Георгиевска – Јаковлева, Славчо Димитров и Роберт Алаѓозовски.

„Што е пост-институција во константно променливиот културен простор? Колку демократска, транспарентна и отворена може да биде? Како уметничките организации го преговараат својот развој и уметничкиот и активистички етос? Книгата на Биљана Тануровска – Ќулавковски дава иновативна и предизвикувачка анализа на променливите реалности на (институционалниот) културен систем. Концептуално софистицирана, привлечна и со имагинативни и етички релевантни решенија, оваа книга е навремен одговор на клучните прашања во културната политика.  Книгата нуди инспирација, мотивација и алатки за креирање на различни сцени во полето на изведбените, перфрмативните уметности и пошироко. Да, ние може да ги (ре)моделираме!“, вели Милена Драгичевиќ-Шешиќ.

Тануровска Ќулавковски е културен работник-истражувач, куратор, продуцент, ко-основач на организации, мрежи, платформи и простори. Фокусот на нејзиниот професионален интерес е во истражувањето на изведбените и перформативните уметнички пракси, културните политики и проблематизирање на нивното влијание врз развојот на социокултурниот систем, работните услови, уметничките пракси и управувачките модели на институциите.