Промоција на поетската збирка „Маслина и младост“ од Гордана Михаилова Бошнакоска во издание на „Макавеј“ ќе се одржи на 5 јуни во 19:19 часот во салон Империјал 1 во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје.
Книгата ќе ја промовираат Бранко Цветковски и Гоце Смилевски, а стихови ќе читаат артистите Софиа Насевска Трифуновска и Борче Начев.
Гордана Михаилова Бошнакоска е родена на 1септември 1940 година во Битола. Студирала на Филолошкиот факултет Св. Кирил и Методиј во Скопје. Пишува поезија, проза, есеи за литература и уметност (сликарство и скулптура). Има објавено петнаесет збирки поезија првата „Времето го нема“ (1965), а последната „Килибар и младост“ (2024). Наградата Браќа Миладиновци ја доби за збирката „Планини од картонски кутии“, наградата ,,Ацо Шопов“ што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, ја доби за збирката „Песна на ридот“, како и наградата ,,Празник на липите“. Застапена е во сите поетски антологии во Македонија и странство, како и во панорамски прикази. Преведени се нејзините песни на сите светски јазици. Поединечни преводи се објавени на нејзини поетски избори како и збирката „Толкување на морето“. Од Македонија застапена е во антологијата ,,13 Ѕвезди на словенското небо“ што ја издаде Словенската акдемија за литература и уметност од Варна (Бугарија), каде е и нејзин член и носител на највисокото признание ,,Големо летечко перо“ за целокупно творештво. Македонската ТВ има снимено две емисии за нејзината поезија и проза, како и Македонското радио ја застапи во звучната антологија на македонската поезија. Носителка е на признанието Витез на пишаниот збор како и на највисокото признание на ДПМ ,,Книжевен жезол“ за целокупно творештво. Ги има објавено збирката раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Настапувала на бројни литературни манифестации во Македонија и во странсто. Добитничка е на стипендијата Фулбрајт со престој во САД. Застапена е во изданијата за литература од Министерството за култура на Македонија (р. бр. 50), како и во македонската енциклопедија. За нејзиното творештво пишувале многу македонски автори од сите генерации, како и автори од други земји.
Нејзината поетска збирка „Килибар и младост“ е втора од проектот поетска трилогија, во која се надоврзува на претходната „Мед и младост“, а третата како проект го носи насловот „Маслина и младост“. Целиот проект во суштина ја поставува дилемата на вечноста и минливоста.