Промоција на книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блу-рејот „Пет македонски етнолошки филма“ во Кинотека

Во среда, на 6 декември, во 12.00 напладне во Кинотеката на Република Северна Македонија ќе бидат промовирани последните изданија на Кинотеката – книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блу-рејот „Пет македонски етнолошки филма“.

Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на м-р Сунчица Симоновска Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат проф. д-р Драгица Поповска од Институтот за национална историја и вон. проф. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.

Рецензенти на ова печатеното издание на истоимениот магистерски труд на Веселиновска се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика ќе напише: „Снимањето на документарни филмови кои најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијаат врз колективната меморија – како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а посебно документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи кои заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.

И за второто кинотечно издание кое ќе биде промовирано на 6. декември – блуреј изданието под наслов „Пет македонски етнолошки филма“ може да се каже дека е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство. Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филмови со етнолошка тематика, снимени во 1950-ите и 1960-ите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филови поместени на овој блуреј – ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954, р. Ацо Петровски), ГАЛИЧКА СВАДБА (1955, р. Ацо Петровски), ДЕРВИШИ (1955, р. Ацо Петровски), МАРИОВСКА СВАДБА(1966, р. Вера Кличкова) и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957, р. Благоја Дрнков) – минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Аосцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), кој пак е финансиски помогнат од програмата МЕДИА на Европската комисија. Дигитална реставрација на петте етнолошки филмови беше извршена од страна на проф. Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија.