Промоција на книгата „Авантурите на Космонаутко“ пред МКЦ

На платото пред Младинскиот културен центар (МКЦ) во сабота (27 мај) од 18 до 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Авантурите на Космонаутко“ од Денис Јанкуловски.

На промоцијата ќе настапат Дени Жерновска, инклузивно танцово студио „Денсерс Jунајтед“ и инклузивниот хор на „Трисомија 21“ и „Колектив Ветерница“.

Од издавачката куќа „Прозарт Медиа“ велат дека „Авантурите на Космонаутко“ е првото прозно дело на Денис Јанкуловски, познат во јавноста како Космонаутко.

„Јанкуловски ги објавува неговите приказни од Ковид времето, а тие се топли, искрени, секојдневни и вистинити, полни со надеж. За многумина, Јанкуловски е еден од најголемите и најискрените хуманитарци од Македонија“, соопштува организаторот.

Добитник е на наградата „Европеец на годината“ за 2020 година, доделена од Делегацијата на Европска унија во Македонија. Понатаму, добитник е на наградата „Филантроп на годината“ за 2021-ва, доделена од Horus Macedonia, исто така во 2022 е прогласен за Амбасадор на говор против омраза од Програмската канцеларија на Советот на Европа во Македонија, а лани ја доби и државната награда „Мето Јовановски“ за промоција, заштита и унапредување на човековите права.