Во Домот на култура „Кочо Рацин“ во Скопје на 23 декември во 19 часот ќе биде промовиран романот „Анатомија на бумбарот” на Стефан Марковски.
„Третиот роман на Марковски беше објавен на англиски јазик и достапен во електронска и печатена верзија на платформата ‘Амазон’ каде годинава достигна и рекордно прво место во категоријата Источноевропска литература за Киндл изданијата. Во романот, чие македонско издание е објавено од ‘Паблишер’, се дефинира енергична и психолошки силна приказна каде се претопуваат елементи на гротеска, хумор и егзистенцијалистичко преиспитување“, пишува Александар Прокопиев во предговорот.
Во наративот, посочува Прокопиев, прогресира една примамлива, куриозитетна, откачена, убаво и сочно раскажана приказна раслоена во делови кои во себе носат и гнев и пркос, од една, и хумор и гротеска од друга страна.
„Романот покренува внатрешна револуција во секој кој ќе го чита, наметнувајќи повеќе егзистенцијалистички прашања и преиспитување на животот во потрагата по сопственото место во него. Раскажана од две перспективи – машка и женска, оваа приказна е мозаична сложувалка во која на крајот ќе се состават сите делчиња“, пишува Прокопиев.