Промоција и читачки кружок на „Тирза“ од Арнон Грунберг

Издавачката куќа „Илика“ следната недела ја започнува со два настани по повод гостувањето на холандскиот автор Арнон Грунберг во Скопје. Пред неколку месеци излезе неговиот роман „Тирза“ на македонски јазик во превод на Ацо Пероски.

Во понеделник (23 јуни) ќе се одржи читачкиот кружок за романот, во „Јуроп хаус“ – Скопје, со почеток од 18 часот. Дискусијата ќе ја води Симона Трајчевска, дел од тимот на „Илика“. Следниот ден, вторник (24 јуни), во КСП Центар-Јадро од 20 часот, ќе биде промовиран романот „Тирза“. Промотор ќе биде поетот и преведувач Александар Маџаровски, чија рецензија за романот заинтересираните можат да ја погледнат на неговиот Јутјуб канал „Читачот“.

Според „Die Presse“ романот е „вознемирувачко и брилијантно истражување на животот на средната бела класа, зачинето со елементи на семејна драма и трилер“. Приказната го следи Јерген Хофместер, кој живее удобен живот во најелитниот дел на Амстердам, има милионска заштеда во банка, две возрасни ќерки и угледна работа во издавачка куќа. Неговите денови се лежерни и спокојни и тој се гордее со фактот дека спие мирно како бебе – освен понекогаш, кога се прашува дали е, всушност, чудовиште.