Промена на учебници и справување со говорот на омраза – Што содржи Протоколот меѓу С. Македонија и Бугарија?

Забрзување на работата на историската Комисија, заедничко одбележување историски настани и личности, промена на учебници од историја и географија, како и ефективно справување со говорот на омраза се дел од главните одредби од Протоколот помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија кој вчера беше потпишан од министрите за надворешни работи на двете држави.

Исполнување на дел од одредбите од Протоколот, заедно со менување на Уставот, се клучните услови од кои зависи суштинското отворање на преговорите со Европската Унија за С. Македонија.

Потпишувањето на овој документ на заедничката Меѓувладина комисија формирана според Договорот за добрососедство на С. Македонија и Бугарија, следи по тридневна дебата во македонското Собрание кое на Владата ѝ даде зелено светло да го прифати францускиот предлог за преговарачката рамка за почетокот на преговорите со ЕУ.

Протоколот е поделен на повеќе теми и во него се наведуваат досегашните постигнувања и идните чекори кои треба да се направат во меѓусебната соработка во областите на економијата, земјоделството, транспортот, комуникациите, енергетиката, животната средина, владеење на правото, образованието, културата, спортот, младите, туризмот, одбраната, здравството…

Сепак, она што беше најконтроверзно во македонската јавност е делот наменет Експертската комисија за историски и образовни прашања меѓу двете држави, која треба да ги решава споровите од оваа област. Во овој дел двете влади ја охрабруваат оваа Комисија да ја забрза својата работа и да постигне јасни резултати. Двете страни се договориле досега постигнатите резултати од работата на Комисијата да „се рефлектираат врз содржините на натписи на споменици, знаци, информациски материјали во музеи и други објекти со образовно и културно значење, како и релевантните информации во електронски информативни медиуми во јавна сопственост.

Овој дел од Протоколот предвидува и усогласување на методолошките упатства, учебниците и другите релевантни учебни материјали, соодветно со препораките на Комисијата најмногу две години по одобрувањето од ова тело.

Државите се согласиле „да подготват и претстават предлог текстови за лекции врз основа на препораките на Комисијата во однос на настани од историски личности од заедничката историја за кои Комисијата постигнала согласност“, а властите на Комисијата им порачале да го заврши прегледот на периодот на Средниот век во рок од една година. Дополнително во Протоколот се наведува дека двете држави ќе „продолжат да ја поддржуваат и охрабруваат работата на Комисијата, за да ги извршуваат започнатите ангажмани за да ги хармонизираат релевантните учебници и учебни програми, во согласност со резултатите од работата на Комисијата, одобрени од двете влади“.

Протоколот има посебен дел кој предвидува кои се задачите кои С. Македонија треба да ги направи за практично почнување на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата за пристап до Унијата. Тука се споменува менување на Уставот за вклучување на бугарската заедница, размена на копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали во образовните програми на двете држави, промена на содржината на македонскиот учебник по географија за 7 одделение до почетокот на учебната 2023/2024 година поради етнички/територијални претензии, а двете страни се согласиле и за вадење на други содржини од образовните програми во случаи на други неосновани етнички и територијални претензии.

Уште еден дел кој беше контроверзен во македонската јавност беше како во Протоколот ќе биде регулиран говорот на омраза. Во документот се истакнува дека двете држави ќе преземат ефикасни мерки за „ превенција на недобронамерна пропаганда од страна на институции и агенции и ќе одвраќаат активности на приватни субјекти, насочени кон поттикнување на насилство, омраза или други слични активности кои би ги повредиле нивните односи“.

Дополнително, се наведува и дека двете држави преку дипломатските канали ќе „продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза , идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како и во јавниот простор на територијата на другата држава, и да информираат во разумен рок за преземените активности од соодветната држава за неодложно отстранување на идентификуваните случаи на говор на омраза“.

Дополнително, договорот гарантира дека при државно финансирање на нови книги, документарни списанија и филмови и друга уметничка продукција, како и на спомениците на културата и прослави, секој субјект треба преку преку изјава да се обврзе дека ќе го следи неприфаќањето на сите форми на говор на омраза, а во спротивно тоа ќе претставува основа за прекин на државното финансирање.

Првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ ќе се одржи во вторник во Брисел. Сепак земјава нема да може да отвора преговарачки поглавја пред промена на Уставот, за што во моментов нема волја во Собранието.

Целосниот текст на Протоколот може да го најдете на следниов ЛИНК.