Промена на програмата на „Здраво Млади“ – KOIKOI и DJ FITZ се придружуваат со настап на фестивалот

KOIKOI и DJ FITZ се придружуваат на веќе најавените изведувачи на 11. издание на „Здраво Млади“, кое е закажано за 27 август (петок) во МКЦ парк. Промена на фестивалската програма дојде по воведувањето на новите анти ковид мерки.

„Со тешко срце признаваме прва победа на пандемијата во изминативе две години. Дојде до промена на програмата, па моменталниот lineup за Здраво Млади е следниов: Hercules & Love Affair (dj set), Shortparis, Blackstate, Murman Tsuladze, ИСКРА, Луфтханза, Belgrado, Peki Pele + деновиве следуваат уште најави за артисти и дополнителна програма“, стои во соопштението од МКЦ.

Оттаму посочуваат дека битката со ковид кризата трае долго, но нема да дозволат да ги исцрпи.

„Во знак на надеж дека ќе се реваншираме со пандемијата во 2022, купените билети можете да ги искористите за 27 август и да добиете попуст од 50% на билет за следното издание на Здраво Млади. Дополнително, во продажба се пуштени еднодневни билети по 400 денари кои важат само за годинешново издание. Истите се достапни на билетарница во МКЦ и онлајн преку bileti.mkc.mk. За рефундација на средствата пишете ни порака на социјалните мрежи или mail на online@mkc.mk“, информираат организаторите.

Посочуваат дека фестивалот ќе се реализира согласно актуелните мерки/протоколи за организирање настани во отворен простор.