Професорски пленум: Процесот за нов Закон за високо образование продолжува без Владата и МОН

Треба да се воведе мораториум врз преговорите за новиот Закон за високо образование со претставниците од Владата и Министерството за образование и наука, сѐ додека не се создадат услови за неговото продолжување, сметаат од Професорскиот пленум. Нивното соопштение доаѓа три седмици откако Студентскиот пленум ги напушти преговорите околу новиот Закон и едногласно изгласаа излегување од работните групи и прекинување секаква соработка со Министерството за образование и наука.

Студентски пленум: Ректорот и МОН залудно преговараат без нас

„Со оглед на фактот што Студентскиот пленум ги напушти преговорите со работната група на Владата на Република Македонија, цениме дека е нарушена инклузивноста во процесот на изработка на новиот Закон за високото образование. Професорскиот пленум останува на својот став дека вклученоста на сите релевантни чинители во процесот на преговорите – на која се инсистираше од самиот почеток, а што беше прифатено од сите страни – е нужен предуслов за изработка на нов и квалитетен Закон за високото образование“, велат од Пленумот.

Оттаму додаваат дека според доставените забелешки од работната група на Владата на Концептот за нов закон за високото образование, изготвен од работната група на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Студентскиот и Професорскиот пленум, е увидено дека постојат суштински разлики и несогласувања во однос на клучните точки од Концептот.

„Членовите на Професорскиот пленум се свесни за нужноста и итноста за донесување на новиот Закон за високото образование. Имајќи ја предвид нашата мисија, дефинирана во соработка со Студентскиот пленум и претставниците на работната група на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, преземаме иницијатива за изработката на нов Закон за високото образование кој ќе се темели на веќе изготвениот Концепт. Во согласност со општествената одговорност што ја има академската заедница во Република Македонија, ги повикуваме сите заинтересирани да продолжиме заедно со работа на новиот Закон за високото образование“, сметаат од Професорски пленум.