Студентскиот пленум информира дека ќе ја бојкотира секоја одлука на работната група која беше формирана за донесување на нов концепт за Законот за високо образование. Пленумот пред десетина дена соопшти дека ги напушта преговорите.
„Студентскиот пленум го потсетува Ректорот на УКИМ и работната група која соработува со МОН дека студентите ги напуштија преговорите со МОН и според тоа, не би можело никако да се донесе концепт со кој би биле согласни сите засегнати страни.
Имено, Студентскиот пленум уште од самиот почеток се заснова на одредени принципи и вредности, па би било лицемерно да продолжи да соработува со институцијата која брутално се однесуваше со средношколците, нашите идни колеги, што нам ни дава основан сомнеж за заложбите на МОН за одржлив и квалитетен образовен систем.
Сепак, главната причина за оваа одлука е односот на Министерството, кое уште од самиот почеток и најраната фаза на подготовка на законот не покажа ниту добра волја, ниту кооперативен однос, туку намерно го одолговлекуваше процесот, што отвара уште еден сомнеж за искреноста на МОН да изработи Закон за високо образование со сите засегнати страни.
Недозволиво е Ректорот да го толерира однесувањето на Министерството, особено земајќи предвид дека работната група требаше првата фаза да ја заврши пред два месеци, а тоа не се случи поради одолговлекувањето и арогантниот однос на МОН.
Поради горенаведеното, Студентски пленум ја бојкотира секоја одлука на работната група УКИМ-МОН“, стои во соопштението.