Професори на Тетовскиот универзитет обвинети за плагијат од иницијатива за квалитетно високо образование

Седум универзитетски професори од Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово објавиле трудови кои се плагијат или копија на веќе постоечки, тврди Интелектуалната иницијатива за подобрување на квалитетот во универзитетското образование.

Тие своите наоди ги објавија во онлајн публикацијата „Веритас“, каде преку извадоци се анализираат трудовите на професорите.

Еден од примерите наведени во обемното истражување

Според информациите во публикацијата, податоците ги собирале во периодот од јануари до јуни, 2020 година.

„Досега до Ректорската управа поднесовме низа претставки за кражба на интелектуални трудови од професори и докторанди на овој факултет, кои незаслужено напредуваат во академската кариера. Оттаму нема никаков повратен одговор“, стои во публикацијата.

Радио МОФ се обиде да стапи во контакт со нејзините автори, но официјалната веб-страница наведена во документот не функционира, како и еден од понудените мејлови. Од вториот мејл, пак, до објавата на текстот немаме одговор.

Се обидовме да добиеме коментар за случајот и од Тетовскиот Универзитет, но од двата достапни броја на нивната веб-страница, едниот не функционираше, а на другиот никој не се јави и по неколку повици.

Во публикацијата се споменува дека авторите истражувале и други документи и материјали за остатокот од академскиот кадар, кои најавуваат дека ќе ги објават понатаму.