Прирачник „Купувам домашно“ за што спаѓа под македонски производи, објави Министерството за финансии

Министерството за финансии (МФ) денеска објави прирачник насловен „Купувам домашно“ кој содржи 16 често поставувани прашања, а кој има за цел да објасни што спаѓа под „македонски производи“.

Оттаму додаваат дека документот е изработен заедно со Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Организацијата за заштита на потрошувачи, Царинска управа и Управата за јавни приходи, а истиот може да се најде на овој линк.

„За целите на купување со домашната платежна картичка, производ може да се смета како домашен – македонски производ, доколку се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун.  За целите на искажување на прометот од македонските производи во фискалните сметки, производот може да се смета како домашен-македонски производ, доколку на неговата декларација, согласно Законот за заштита на потрошувачите, е наведено дека е произведен на територијата на Република Северна Македонија“, стои во соопштението на МФ.

Домашната платежна картичка „Купувам домашно“ опфаќа 325.000 граѓани и чини 28 милиони евра. Таа е дел од Третиот сет економски мерки на Владата за справување со коронавирусот.

Над 320 илјади граѓани ќе добијат домашна платежна картичка – сајтот за проверка едвај работи