Над 320 илјади граѓани ќе добијат домашна платежна картичка – сајтот за проверка едвај работи

На веб-страницата kupuvamdomasno.gov.mk од денеска, со внесување на матичниот број може да се провери дали некој е корисник на домашната платежна картичка која е предвидена за 324.479 граѓани. Веќе се печатат и првите картички, а наскоро ќе почнат и да се издаваат на корисниците, информираат од Владата.

Но, пристапот до веб-страницата и проверката дали некој е „добитник“ на картичката денеска се чини дека е невозможно. Страницата едвај се вчитува, а истиот проблем наиде на бројни коментари на социјалните мрежи.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција посочи дека банките ќе почнат да ги доделуваат картичките од крајот на неделава, сите картички ќе бидат издадени најдоцна до 18 јули, а искористени најдоцна до 15 август.

„Со овие средства ќе се поддржат таргетираните категории граѓани, ќе се поттикне потрошувачката на домашни производи и услуги и преку вбризгување на 28 милиони евра ќе се поттикне економската активност. Ова ќе придонесе за ревитализирање на македонската економија во услови на КОВИД-19“, рече Ангеловска.

Картичката ќе се користи за купување македонски производи и услуги, во ресторани, кафулиња, брза достава, хотели, одморалишта, сместувачки капацитети, туристички агенции, трговија на мало, продавници за храна и пијалаци, зелени пазари, аптеки и фризерски салони и салони за разубавување.

„Продавниците ќе треба да обезбедат обележани гондоли-рафтови со ознака ‘Купувам домашно’. Со картичката може да се плаќаат македонски производи и услуги на физички и онлајн локации на деловни субјекти кои вршат одредените дејности, но не може да се вади готовина од банкомат, да се плаќа надвор од земјата, да се префрлаат средства кон други сметки“, посочуваат од Владата.

Корисниците нема да имаат потреба да аплицираат, тие ќе ја добијат платежната картичка претпознатлива по слоганот „Купувам домашно“. Со внесувањето на ЕМБГ, секој граѓанин ќе може да го провери износот кој му следува, а ќе добие и информација за банката издавач која ќе му ја издаде картичката.

„Банките ќе ја доставуваат картичката до адресата на корисникот на финансиска поддршка, или лицето ќе може да ја подигне во банка. Банките оваа информација ќе ја објават на својата веб-страна и ќе исконтактираат во јавност. Издавачи на Домашната платежна картичка се НЛБ Тутунска Банка, Стопанска Банка-Скопје, Комерцијална Банка, Халк Банка, Шпаркасе Банка, Охридска Банка, УНИ Банка, Централна Кооперативна Банка и Силк Роуд Банка“, стои во соопштението на Владата.

Корисници на оваа картичка се граѓаните со низок доход, односно 115.927 лица, приматели на социјална помош и невработени евидентирани како активни баратели на работа во АВРСМ до 22 мај 2020, кои оствариле нето-доход до 180.000 ден во 2019 и нето-доход до 60.000 денари во период јануари-април 2020 согласно евиденцијата на УЈП. Овие лица еднократно ќе добијат 9.000 денари на платежната картичка.

Корисници на картичката ќе се и вработени со низок доход кои се 117.144 лица и тие ќе добијат 3.000 денари еднократно.

„Ова се лица кои се во работен однос и кои за периодот јануари- април  2020 година оствариле доход само по основ на плата и надоместоци на плата во нето-износ не поголем од 60.000 денари на ниво на полно работно време, според евиденцијата на УЈП. Тие ќе добијат и ваучер за домашен туризам од 6.000 денари преку мерката за јакнење на домашниот туризам на Министерство за економија“, посочуваат од Владата.

Домашна картичка добиваат и млади лица чиј број изнесува 87.014 кои ќе добијат еднократно 3.000 денари. Станува збор за лица со наполнети 16 години и не постари од 29 години заклучно со 22 мај 2020 година, активни учесници во државното формално средно образование и високото додипломско образование.

„Домашна картичка ќе добијат и 4394 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19, кои ќе добијат 40 отсто од последната основна нето-плата. Станува збор за вработени во ЈЗУ, Клиника за инфективни болести, Институт за јавно здравје, Центри за јавно здравје, Итна помош, инфективните одделенија и  вработени во други одделенија ангажирани за тестирање, дијагностицирање и лекување на граѓани заболени од КОВИД-19“, посочуваат од Владата.

Граѓаните кои имаат една трансакциска сметка кај банка издавач на картичката ја добиваат од таа банка. Граѓаните кои имаат две трансакциски сметки, картичката ја  добиваат од банката преку која добиваат плата или социјална помош. Оние граѓани пак, кои имаат трансакциска во банка која не е дел од проектот и граѓаните кои немаат трансакциска сметка се распределени кај една од банките според принцип на фер распределба.

„Банките на своите интернет страни ќе ја објават постапката за комуникација со клиентите и начинот на нивната достава на картичките, односно доколку лицето е постоечки клиент на банката ќе добие смс порака кога ќе биде готова картичката и како ќе се подигне, а доколку лицето е корисник на финансиска поддршка и нема сметка во банката во која е распределен, банката ќе го контактира и ќе го извести за начинот на издавање и достава на картичката. На интернет страните ќе бидат објавени договори за издавање на картичките и отворање на сметка, кои граѓаните ќе можат да ги потврдат електронски. Картичката, банката ќе ја достави до адреса на граѓанинот или ќе може да се подигне во банка“, информираат од Владата.

Картичката ќе биде поврзана со наменска сметка, а за неа граѓаните нема да имаат никакви трошоци, односно нема да плаќаат надоместоци за издавање, водење, управување до крајот на 2020 година, членарина првата година и нема да плаќаат за затворање на сметката и картичката на барање на лицето корисник.

Домашната платежна картичка е дел од третиот сет економски мерки. Владата издвои 28 милиони евра, за како што велат, да се поддржат граѓаните, но и домашното производство и услуги во надминување на Ковид-19 кризата, бидејќи со овие картички ќе можат да се купуваат само домашни производи.