Прифатено обвинението за организаторите на „Крвавиот четврток“

Од Кривичниот суд известија дека е прифатено обвинението за четири лица кои се товарат дека се организатори на насилниот упад во Собранието од 27 април 2017 година, настан кој во јавноста е познат и како „Крвавиот четврток“.

Од Судот информираа дека обвинението е одобрено во целост и дека сега тој треба да биде распределен кај судија за понатамошна постапка.

Со обвинението се опфатени четири лица, кои се товарат за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Против две лица, кои се во бегство, постапката беше запрена до нивно пронаоѓање.

Обвинителството тврди дека обвинетите, на почетокот на 2017 година подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство и за таа цел ги организирале и материјално ги поддржале масовните протести пред Државната изборна комисија, а потоа и оние на движењето „За заедничка Македонија“ кои кулминираа со упадот во Собранието.

„Критичниот ден организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучувајќи патриотски здруженија и ангажирајќи лица за извршување на насилство. Во седиште на политичка партија двајца од обвинетите континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови во одреден момент да извршат насилен упад во Собранието, знаејќи однапред дека објектот не е соодветно обезбеден и заштитен со полициски сили и дека пречките за влез во Собранието ќе бидат отстранети… Во текот на немирите еден од обвинетите, со цел да се прикријат трагите од извршеното кривично дело и да не се откријат регистрираните дејствија од насилниот упад и насилството извршено внатре во Собранието, дал наредба на две веќе обвинети лица од мониторинг собата во Собранието на Република Македонија да ги извадат хард дисковите од собраниските камери“, стои во образложението на обвинителниот акт.

Обвинителството тврди дека со дејствата обвинетите предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните, а притоа дел од пратениците и новинарите се здобиле со телесни повреди.

Ова е втор поголем судски процес кој ќе се води за настаните во Собранието на 27 април 2017 година. Во првиот 16 лица беа осудени на 211 години затвор, додека 15 лица добија амнестија од Собранието на Северна Македонија. Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков – 18 години затвор.

Претходно беа водени уште неколку други случаи за учество во толпа и за насилство.