Презентација на исклучителните дела на Славица Јанешлиева во „Буква“

Со презентација на уметницата Славица Јанешлиева, КСП Центар-Јадро ja продолжува серијата настани посветени на македонските визуелни уметници. Настанот се организира во кафе книжарницата „Буква“, во четврток на 10 јуни, во 20 часот.

„Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност. Оттаму, сметавме дека преку овие презентации и разговори во живо со истакнати автори ќе успееме во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена. Во рамките на 10-те предавања/презентации, уметниците ќе направат преглед на своето творештво или ќе претстават избор од своите најрепрезентативни проекти“, појаснуваат од „Јадро“.

Оваа програма се реализира преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена. Разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Прегледот на исклучителните дела на Славица Јанешлиева, презентирани од крајот на 1990-те години до денес, се поклопува со драматичниот период на транзицијата, идентитетските прашања врзани за личните и колективни сеќавања, како и проблемите за зачувување на општествената сфера.

Со презентацијата ќе се направи преглед на делата со акценти на неколку позначајни проекти,
од различни периоди и фази. Творештвото на Јанешлиева се карактеризира со препознатлива способност за визуелна нарација,пренесена преку изразен мултимедијален и интермедијален пристап, инкорпорирајќи различни медиуми како графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Со своите дела преку малите наративи и личните сеќавања на специфичен начин ја преиспитува улогата на уметноста во современиот контекст.

Јанешлиева е визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски во 1996, а магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Димитар Малиданов, на област графика во 1998 година. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (30 самостојни изложби и околу 300 групни изложби). Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија. Од 2006 година предава на УКИМ, на Факултетот за ликовни уметности, Катедра по графика.