„Shelf Jungle“ – самостојна изложба на Маја Кировска во „Буква“

„Shelf Jungle“, самостојната изложба на Маја Кировска преку серија фотографии во форма на блог, ја испитува моќта на комуницација преку социјалните медиуми, некои од новите стандарди во секојдневното живеење кои ги воспостави пандемијата, а посебно новите стандарди на изложување и проследување на уметноста во однос на релацијата галериски простор – виртуелен простор.

Изложбата ќе биде отворена на 25 август, четврток, во кафе-книжарницата „Буква“, со почеток во 20 часот.

Проектот „Shelf Jungle“  прв пат беше претставен на изложбата „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“ која се одржа во Резиденцијата на ЕУ во Скопје, а сега публиката ќе има можност ја го види најновиот апдејт.

Уметницата Кировска објаснува дека изложбата се занимава со неколку феномени кои станаа популарни со растот на социјалните медиуми во последните години.

„Во изминатите 2 години поминати во социјална дистанца, состојба многу поразлична од животот кој го живеевме пред тоа, социјалнитe мрежи уште повеќе ја зацврстија својата позиција во животите на луѓето и воспоставување на меѓусебната комуникација. Во немање на друга можност, социјалните медиуми се покажаа како најдобра алтернатива за одржување на сите закажани настани и изложби, па така до нормализацијата на движењето се практикуваа онлајн концерти, онлајн претстави, онлајн изложби и тн. Изложбите иако поставени во галериски простор, своето претставување пред публиката го остваруваа преку социјалните медиуми“, објаснува таа.

Кировска истакнува дека изложбата дава коментат и за една појава популарна неколку години пред почетокот на пандемијата, а тоа е инфлуенсерството, односно појавата на популарни личности кои својата популарност ја стекнаа без посредство на менаџери и реклама, туку благодарение на содржините кои сами ги споделуваат.

„Позитивната стана е што социјалните мрежи станаа платформа каде секој има можност да го прикаже својот талент, мислење, дела и тн. и без посредство на трети лица да дојде до своја публика, мала или голема во зависност од квалитетот, карактерот и атрактивноста на содржините. Негативно е што сепак доставувањето на содржините до корисникот во голема мера зависи од алгоритам каде важна улога игра периодот од денот кога се објавува, зачестеноста на објавување, првичната реакција и интеракција на корисниците и тн. Тоа прави не секогаш квалитетните содржини да избијат на површината, туку сликата на она што ќе се прикажува ја креираат горенаведените фактори заедно со вкусот на мнозинството“, вели таа.

Кировска дополнува дека изложбата е дело создадено да егзистира во виртуелниот простор, поточно на социјалните мрежи Instagram и Facebook. Целта е да се види колкаво влијание може да има доколку ја земе формата на гореспоменатите инфлуенсерски профили и нивните принципи на функционирање.

„Делото го следи процесот на создавање на домашна градина на еден нов ентузијаст и љубител на билки. Сите интересни случки од создавање на оваа градина се документирани со фотографии и видеа, а како што наложува самиот медиум се придружени со текстуален опис и хаштази. Во галерискиот простор ќе биде поставена фото инсталација од фотографии каде преку QR код гледачот ќе може да ја посети веб локацијата, да прочита повеќе и доколку му се допадне содржината да го заследи профилот за да го следи развојот на проектот во иднина. На еден постамент ќе биде поставена мини градина, или мини еко систем, па на овој начин делото создава една интересна релација и комуникација помеѓу виртуелниот и галерискиот простор“, вели таа.

Маја Кировска е родена 1982 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во 2007 година, на отсек графика со насока графички дизајн, каде се здобила со Награда за постигнат највисок просек и одлични резултати на Факултетот за ликовни уметности, на студиската програма по графика. Во 2007 година станува член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Во 2009 година, во соработка со неколку колеги ја оформуваат уметничката група Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и основаат истоимен културен центар во Скопје. Во 2011 магистрира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во област сликарство. Во 2012 во соработка со шест колеги ја основа уметничката група МОМИ со која реализираат голем број на изложби. Од 2013 до 2919 предава на Европскиот Универзитет Република Македонија – Скопје како доцент, а потоа како вонреден професор по група предмети од областа на фотографија и мултимедија. За своите уметнички достигнувања добила неколку награди меѓу кои и наградата доделена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија „Вангел Коџоман“ за најдобра изложба во 2014 година. Од 2015 година е член на уметничкиот совет на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. До сега реализирала над 10 самостојни и над 100 групни изложби во земјата и во странство. Учествувала на групни уметнички изложби во САД, Јужна Кореја, Холандија, В. Британија, Германија, Италија, Р. Хрватска, Србија и други земји.