Претставување на македонски визуелни уметници – Велимир Жерновски

Во рамки на 10 предавања и презентации организирани од КСП Центар „Јадро“, домашни уметници прават преглед на своите дела, создавање и избор од своите најрепрезентативни проекти. Од „Јадро“ сметаат дека преку ваквите презентации и разговори ќе допринесат во поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.

„Во текот на последните години бевме сведоци на недостаток на континуитет или структурирана историографија што ја следи и третира македонската визуелна сцена. Многу наши уметници имаат многу богата продукција и под многу тешки услови успеваат да ги изложат своите дела на релевантни изложби дома, во Европа и светот. За жал, поради системското занемарување на институциите и медиумите, нивните дела и успеси не се доволно презентирани пред пошироката јавност“, дополнуваат оттаму.

Преку презентациите ќе се реализира избор на 10 уметници од различни генерации, додека разговорите ќе бидат модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

Утре, на 9 јули, во „Short bus“ со почеток во 21 часот серијата на презентации на македонски уметници ќе продолжи со фокус на делата на визуелниот уметник Велимир Жерновски.

Тој дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје.

Жерновски работи на цртежи, видеа и фотографии, преку кои ги истражува промените во урбаната култура и прашањата поврзани со сексуалноста и родовиот идентитет, како и прашањата поврзани со постојаната транзиција, како на личниот, така и на идентитетот на сопствената генерација, објаснува Јанчевски.

„Голем сегмент од неговата работа се обележани со три долгорочни проекти „Alice, what else is out there?“ (2007 – 2010 година), циклусот „The DISTITLED“, (2010 – 2015) во кој се фокусира на родовите теми и нееднаквоста и циклусот „BEYOND THE BLACKNESS“ – до денес, во кој се фокусира на поимите за истражување на вселената, астрофизика и астрополитика. Работел на сценографијата за националната турнеја на Поган Паган во 2017 година и за претставата „Дух“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јаникиевиќ во Македонскиот народен театар во 2018 година“, се вели во соопштението.

Оттаму дополнуваат дека Жерновски е автор е на повеќе од 50 текстови за современа уметност и визуелна култура. Се интересира за интердисциплинарни уметнички практики и теорија на сликата, ангажирана уметност и интервенции во јавен простор, иконокластички акти и визуелни конфликти. Во 2019 година добитник е на наградата за развој на ликовната критика „Ладислав Баришиќ“ доделена од Здружението на ликовни критичари АИКА – Македонија.