Претседателските избори ќе се одржат на 24 април, а парламентарните на 8 мај

Претседателот на Собранието, Јован Митрески вчера ги распиша изборите за претседател на Република Северна Македонија и за пратеници во законодавниот дом, што ќе се одржат на 24 април и на 8 мај.

Според решенијата што ги потпиша тој, првиот круг од седмите избори за претседател на Македонија ќе се одржи на 24 април, во среда, а вториот круг гласање ќе биде после две седмици, односно на 8 мај. На истиот датум со вториот круг претседателски избори (8 мај) ќе се одржат и 11. парламентарни избори во земјава.

„Роковите за спроведување изборните дејствија почнуваат да течат од денот на објавување на Решението за распишување на изборите во ‘Службен весник’“, велат од Собранието.

Претседателот на Собранието изјави дека во изборниот период што претстои, очекува сите надлежни институции и сите инволвирани субјекти да дадат свој придонес за фер и демократски процес.

„Република Северна Македонија, во последните изборни циклуси, покажа дека има капацитет да организира демократски избори, во согласност со европските вредности и принципи. Изминатите изборни циклуси воспоставивме стандарди кои мора само да ги унапредуваме и надградуваме, но никако не смееме да дозволиме да се вратиме назад. Гласањето на избори, односно можноста
граѓаните преку гласачкото ливче да го искажат сопствениот став, е врвен чин на демократијата“, рече Митрески.

Инаку, изборната кампања за парламентраните избори започнува на 18 април во 00:00 часот и ќе трае до 24:00 часот на 06 мај, соопшти претходно Државната изборна комисија.