Претседателот на ДПМ, Христо Петрески, пак си поднесе оставка откако првиот пат ја повлече

Христо Петрески, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) повторно поднесе оставка, откако минатата недела се повлече од функцијата, па потоа се премисли.

„Ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека денес официјално поднесов оставка на местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија“, стои во соопштението потпишано од Петрески доставено до медиумите.

Во објава на Фејсбук профилот на ДПМ претседателката на Собранието, Кристина Николовска, информира дека вонредното изборно собрание е закажано на 25 ноември и ќе се однесува на сите органи и тела. Таа додава дека ќе следува понатамошна процедура во согласност со Статутот на асоцијацијата.

Петрески првпат поднесе „неотповиклива оставка“ на 9 октомври со образложение дека се повлекува од функцијата поради здравствени причини, а пет дена подоцна ја повлече оваа негова одлука тврдејќи дека била „изнудена поради притисоци, уцени и закани“.

Она што беше необично е што од првичната објава на социјалните мрежи на ДПМ исчезна зборот „неотповиклива“, односно првичниот текст беше коригиран што можеше да се види во историјата на промени на објавата на Фејсбук.

Овие две оставки на Петрески дојдоа по јавниот револт на дел од членството на ДПМ. Осум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа оставка од функцијата, а дел од нив во образложението наведоа дека одлуката ја носат поради непочитување на статутот на ДПМ и манипулирање со одлуките на Претседателството од страна на претседателот Петрески.