Христо Петрески се премисли, претседателот на ДПМ ја повлече „неотповикливата“ оставка

Претседателот на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Христо Петрески денес информираше дека ја повлекува оставката што ја поднесе во понеделникот, на 9 октомври поради како што извести, здравствени причини.

„По барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија ги известувам членовите на Друштвото на писателите на Македонија и медиумите дека ја повлекувам оставката од местото претседател на Друштвото на писателите на Македонија, бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани“, напиша Петрески.

Имено, кога пред пет дена Петрески и ДПМ ја соопштија одлуката за поднесување оставка напиша „Неотповиклива оставка“ од функцијата претседател. Таа објава сега е коригирана и пишува само „Оставка“, но првичната верзија може да се види во историја на уредувања на објавата. „Неотповиклива оставка“ сѐ уште стои и на приватниот профил на Петрески на социјалната мрежа Фејсбук.

Променета објава на Фејсбук страницата на ДПМ

Оставката на Петрески дојде неколку дена откако осум членови на Претседателството на ДПМ поднесоа оставка од функцијата. Дел од нив во образложението наведоа дека одлуката ја носат поради непочитување на статутот на ДПМ и манипулирање со одлуките на Претседателството од страна на претседателот на Друштвото.

Од Друштвото во јавноста кажаа дека целокупното работење на Претседателството било водено според статутот на Друштвото и оттаму порачаа дека „ДПМ нема да биде заложник на лични пресметки“.

Во меѓувреме писатели јавно реагираа да се свикаат вонредни избори, а сега го коментираат и премислувањето на Петрески за оставката.

„Повлечена неотповиклива оставка од здравствени причини? Срам врз срам бесрам. Вчера почина Луиз Глик, а ние денес се занимаваме со тривијалностите на Христо Петрески и компромисите на Кристина Николовска. Ќе покажат ли малку доблест и достоинство?“, напиша писателката Лидија Димковска.

По револтот кај членството претседателот на ДПМ Христо Петрески поднесе оставка