Премиерот зема највисока, министерот Шаќири најниска – Владата ги објави платите на министрите

На официјалната веб-страница на Владата на Република Северна Македонија денеска беа објавени платите на министрите, како дел од заложбита на Владата, за како што велат, поголема дигитална транспарентност. Оттаму додаваат дека висината на платата на министрите е јавен податок.

Па, според овие информаци, највисока нето плата зема претседателот на Владата, Зоран Заев, односно 87.813 денари. Веднаш по него доаѓа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој на месечно ниво добива вкупна нето плата од 85.113 денари, но, на веб-страницата се посочува дека на министерот му се утврдува зголемување за 20% на платата утврдена за извршување на функцијата.

Министерката за труд и социјалната политика Јагода Шахпаска се наоѓа на трето место по висината на вкупната нето плата која ја добива, а која изнесува 74.273 денари. Вкупна нето плата од 72.989 добива министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, додека министерката за култура Ирена Стефоска заработува 72.670 денари.

По 71.385 денари вкупна нето плата добиваат заменикот на претседателот за економски прашања Фатмир Битиќи, како и заменикот на претседателот за европски прашања Никола Димитров.

Најниска плата од сите министри добива министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири, односно 65.292 денари, вкупна нето плата.