Премиерна проекција на уметничкото видео „Вештини за оживување“ на авторката Клелија Живковиќ

„Вештини за оживување“ е уметничко видео на независната уметница кое е резултат на тримесечни работилници за сопственото и колективно оживување базирани на уметнички методи. Видеото премиерно ќе биде прикажано утре (четврток, 30 мај) во КСП Центар Јадро в четврток во 20 часот.

Тимот кој работеше на видеото го сочинуваат Гоце Лалковски (директор на фотографија и камера), Дијана Димитриевска и Дарко Степиќ (музика) и Бисера Михајловска (монтажа).

„Во сегашноста натежната од неправди, насилство и експлоатација, нашата цел е да го истражиме потенцијалот на овие вештини за оживување како избори кои може секој да ги адаптира на своите можности и потреби и, спротиставувајќи им се на насилните и опресивните системи, да ги преземе како чекор кон светот кој оживува“, пишува во соопштението за проекцијата на видеото. 

Учесници и ко-автори на овој проект се Никола Игновски, Христина Крстевска, Крсто Глигорјадис и Магдалена Таневска.

„Секој од членовите на тимот дефинираше своја ‘вештина за оживување’ – одлука, избор или дозвола да ја напушти состојбата на преживување и целосно и бунтовно да оживее. Отфрлајќи ја заблудата дека, да бидеме живи значи да се чувствуваме добро, се поддржуваме едни со други и си овозможуваме да чувствуваме сѐ, згрижени во нашата безбедна заедница“, се вели во описот на проектот.

Овој проект е дел од Артс Хаб програмата на КСП Центар Јадро, поддржана од Фондацијата Отворено Општество во Северна Македонија.

Фото: Стефан Божаров