Премиера на претставата „Припаѓање“ на 3 јули во МКЦ

Занимавајќи се со прашањето за грижата како концепт, театарската представа „Припаѓање“ премиерно ќе се прикаже на 3 јули, понеделник во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Со почеток во 20 часот, а во продукција на „Атриум“, претставата ќе ги отвори прашањата – „Како се грижиме едни за други?“, „Колку од нашата грижа е всушност перформанс?“ и „Колку можеш да припаѓаш онаму каде што не се грижат за тебе?“.

„Се обидовме да ги собереме нашите моментални увиди во едно дело со отворен концепт, кое го градиме на начин што дозволува негов понатамошен развој со секоја изведба. Веруваме во тоа дека нашите сознанија ќе растат со помош на заедницата за која се собравме да создаваме“, велат од „Атриум“.

Актерската екипа на претставата е во состав на Нина Елзесер, Филип Миленкоски, Сара Спиркоска, Дарко Ристовски и Ади Имери.

Претставата е во коавторство на Хана Миленковска и Калија Киселички, по режија на Миленковска. Како драматург се јавува Калија Киселички, додека композитор е Ади Имери.

Продуцент на претставата е Дино Чупевски, кореографијата е на Бобан Русески, костимографка е Мила Спасовска, а осветлувањето е на Игор Митревски.

Авторка на графичкиот дизајн е Матеја Николиќ.