На 2 јуни, понеделник, со почеток во 19 часот, на поткровјето на Јавна соба, ќе се одржи премиерата на новата детска театарска претстава „Лефти и Рајти го спасуваат џемперчетво Воли“, базирана на втората сликовница од серијата „Приказни за облеките“ на македонската авторка Наташа Дукоска. Оваа премиера воедно претставува и промоција на истоимената сликовница во издание на „Чудна Шума“.
„Со оваа адаптација, светот на облеките добива нова димензија на театарска сцена. Храбрите Лефти и Рајти тргнуваат во мисија да го спасат заборавеното џемперче Воли од автобуското седиште во приказна исполнета со хумор, грижа, детска фантазија и топлина. Претставата ја режира Изабела Јакимова која воедно стои и зад адаптацијата на текстот. Нејзиниот пристап преку ‘Театар за тебе’, успеа да ја задржи нежноста и духовитоста на оригиналната сликовница, во визуелно богати сцени и дијалози кои ги ангажираат и најмладите гледачи“, се вели во најавата.
Улогите ги толкуваат Јана Велева, Бранко Атанасов, Ангела Лефкова и Мина Јелушиќ Јериниќ.
„Публиката ќе има можност да ја доживее магијата на книжевноста оживеана на сцена, дело на авторка која со своите сликовници веќе ги освои срцата на многу деца и родители низ Македонија“, пишува таму.
Билетите се достапни онлајн на следниот линк.
Претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам.