Премиера на „Пар распар“ во Театар Комедија за Светскиот ден на театарот

На големата сцена на Театар Комедија во среда (27 март) со почеток во 20 часот ќе биде премиерно изведена претставата „Пар распар“ од Нил Сајмон, во режија на Нина Николиќ, а по превод на македонски јазик на Маја Трајаноска Ивановска.

„Базирани на спротивностите (редот против хаосот, законот против анархија) и карактерните разлики, ликовите Оскар и Феликс се моќно дуо, архетипски пар кој ќе инспирира безброј серии и филмови на поджанрот ‘buddy comedy’ (другарска комедија). Причината за ваквиот успех кај публиката ја пронаоѓаме во вештиот и остроумен хумор на Сајмон, како и неверојатната леснотија со која создава впечатливи ликови“, вели драматургот Тамара Барачков за драмскиот текст.

Во претставата играат: Валентин Костадиновски, Атанас Атанасовски, Григор Јовановски, Тони Денковски, Сергеј Димовски, Виктор Арсов, Жаклина Петровска и Маја Љутков.

„Оскар Медисон (Атанас Атанасовски) и Феликс Унгар (Валентин Костадиновски) се најдобри другари и имаат заедничко машко друштво со кое редовно се собираат на партии покер. Оскар е тазе разведен, а бракот на Феликс е пред распаѓање, но двајцата различно се справуваат со својот нов статус. Додека првиот води опуштен, неуреден и ергенски живот, вториот е чувствителен, хипохондричен, невротичен и претерано уреден човек. Кога сопругата на Феликс ќе го избрка од нивниот дом, Оскар го кани да живеат заедно во неговиот стан. Ваквиот спој на двете крајности, води до конфликт што се реализира низ мноштво комични ситуации“, пишува во најавата за претставата.

Костимографка на претставата е Ивана Каранфиловска Угуровска, сценографка Вишња Вујовиќ, композитор Оливер Јосифовски, соработник за сценски движења Димитриос Сотириу, дизајн на светло Крис Јегер, светло-мајстор Слободан Илиоски.

Ова е прва премиера на театарот за оваа година. Претпремиерата на претставата е закажана за утре (26 март), а првата реприза е во петок (29 март) со почеток во 20 часот.