Премиера на документарната претстава за транзицијата – „Чекална“ во МКЦ

Уметничкиот колектив „Атриум“, инспирирани од делото на Клаус Пол „Waiting room – Germany“, ќе ја постави документарната театарска претстава  „Чекална“, која е заснована на претходно истражување за начините на кои транзицијата се одразила врз личното секојдневие на луѓето во изминативе 3 децении.

Претставата премиерно ќе се одигра на 24 август, среда, и 25 август, четврток во „Денсинг салата“ на Младинскиот културен центар (МКЦ) со почеток во 20 часот.

„Во текот на истражувачкиот процес, интервјуиравме луѓе со различна културолошка, јазична, психосоциолошка и егзистенцијална позадина, и би сакале да им изразиме
бескрајна благодарност што се осмелија да ни споделат лични и интимни сведоштва, кои пак, го добија својот драмски облик“, истакнуваат од „Атриум“.

Од уметничкиот колектив истакнуваат дека автентично ќе ги претстават приказните, запазувајќи ги поединечните ставови, размисли и доживувања на секој од интервјуираните луѓе.

Претставата е во режија на Кристина Димитрова, драматизацијата на Ева Камчевска, а продуцент е Дино Чупевски. Актерската екипа ја сочинуваат: Дарко Ристовски, Наталија Ристеска, Никола Ристески, Стефанија Митовска, Марија Димитрова и Томислав Давидовски.

Сценографијата е на Мартин Манев, дизајнер на светло е Игор Митревски, а композитор е Томе Темелковски. Дизајнот е на Ива Јованова.

Картите се достапни на веб страницата и билетарата на МКЦ по цена од 300 денари.