Премиера на дипломската претстава „Бела болест“ во МНТ

Апсолвентот по театарска режија Горјан Аревски на Факултетот за драмски уметности во Скопје успеа да собере средства за изведба на претставата „Бела болест“ од чешкиот автор Карел Чапек, која ја избра како негов дипломски труд.

Аревски пред неколку месеци започна онлајн кампања со која собираше средства за да ја реализира претставата, откако не ја доби поддршката на институциите.

Премиерно, претставата ќе се изведува на 19 ноември во Македонскиот народен театар, со почеток во 20 часот. Актерската екипа е составена од искусни, но и млади театарски работници.

Сценографијата е на Владо Данилов, за музиката се погрижи Ива Дамјановски, костимите се дело на Медина Хоџа, а целосната продукција ја реализира Марија Павлеска.

Инаку, текстот досега не е поставен во Македонија. „Бела болест“, напишана кон крајот на триесетите години на XX век, непосредно пред Минхенскиот договор кој поголемиот дел од Чехословачка го става под нацистичка контрола, ја раскажува приказната за судирот на идејата за мир и демократија со идејата за војна и диктатура.

„Објавен во 1937 година, текстот го предвидува започнувањето на Втората светска војна и доаѓањето на фашизмот на чело со Хитлер. Токму поради тоа, биле забранети театарски и филмски изведби на делото. Всушност и кај нас ова ќе биде прво поставување на драмата. Темата која ја третира можеби има најголем потенцијал и денес во 21 век да биде забранета затоа што дава страшна критика на лудилото на заведениот народ и злобната рационалност на владетелите“, се вели во описот на претставата.