Студент на ФДУ со онлајн кампања собира средства за да реализира претстава откако го одбиле институциите

Апсолвентот по театарска режија Горјан Аревски на Факултетот за драмски уметности во Скопје започна онлајн кампања за да ја финансира изведбата на претставата „Бела болест“ од чешкиот автор Карел Чапек, која ја избрал како негов дипломски труд. Откако не ја добил поддршката на институциите, со кампањата Аревски се надева дека за поставувањето на оваа претстава може да помогне секој.

Текстот досега не е поставен во Македонија. Иако е напишан пред Втората светска војна, Аревски смета дека е погоден и апсолутно критичен за модерниот свет.

Тимот е составен од повеќе од 40 луѓе, дел искусни, а дел млади театарски работници.

„Се потешко е да се создаде ангажиран театар кога на пазарот се продаваат комедии што ги засмејуваат луѓето. Светот никогаш порано не бил во толку комплексна ситуација – толку многу фронтови и толку многу војни, а популацијата која има можност да направи промени – се мери преку бројот на „лајкови“ и „кликови“, вели Аревски во својата кампања на „Индигого“.

„Велат дека светот на младите останува, но после се, изгледа како да не остана многу“, додава тој.

„Уметноста има моќ да направи промени. Но, само ако е искрена и посветена“, се вели во кампањата.

Средствата кои им се потребни на театарскиот тим се однесуваат за сценографијата и дизајнот на костимите, а останатите се за патни трошоци. Целосната сума која им е потребна е 5000 евра. Тие потоа ќе ги донираат театарските материјали на ФДУза идните генерации.

Во продолжение, погледнете го промотивното видео за кампањата: