Судот во Белорусија ја осуди лидерката на опозицијата Марија Колесникова на 11 години затвор, со што се казнува еден од најгласните противници на претседателот Александар Лукашенко.
Колесникова, која го предводеше опозицискиот координативен совет, беше една од трите жени кои минатата година покренаа бунт во кој десетици илјади Белоруси излегоа на улиците во најголемите протести во историјата на земјата.
Таа беше киднапирана минатиот септември и беше однесена на граница каде и било кажано да ја напушти земјата. Наместо тоа, според медиумските извештаи, таа го скинала пасошот и ризикувала да оди во затвор наместо да биде депортирана.
Колесникова беше обвинета за заговор за преземање на власта, повикување на активности за нарушување на националната безбедност и повици за наштетување на националната безбедност користејќи медиуми и интернет.
Во истиот процес осуден беше и нејзиниот колега, Максим Знак, кој доби 10-годишна затворска казна.
На видеоснимка од судењето во Минск од понеделникот, Колесникова и Знак можеа да се видат како стојат во стаклената ќелија во која присуствуваат на судењата. Таа, со лисици на рацете, ги пречека фотографите во судницата и испрати симбол во форма на срце со нејзините раце.
Лукашенко направи огромен напор изминативе месеци да ги казни противниците на неговиот авторитарен режим. Во мај, власта нареди приземјување на авион на Рајанер во кој се наоѓал опозицискиот новинар и блогер Роман Проташевич. Исто така белоруска атлетичарка, која го критикуваше нејзиниот национален тим на Олимписките игри во Токио, за малку ќе завршеше на принуден лет за Минск пред да побара помош од полицијата и да побара меѓународна заштита.
Стотици луѓе во Белорусија се уапсени, меѓу нив и опозициски политичари, правници, новинари и претставници на граѓанското општество.