ПРЕ: Пристапот до легален абортус не смее да трпи поради економската криза

По повод 28 септември – Меѓународниот ден на безбедниот абортус, од Платформата за родова еднаквост (ПРЕ)  испратија јавна реакција во која се бара пристапот до услуги за репродуктивно здравје да биде гарантиран, дури и во услови на економска криза.

Оттаму посочуваат дека пристапот до услугите за репродуктивно здравје е особено важен ако се земат предвид економската и воената криза кои директно влијаат на финансиската и социјалната стабилност, а со тоа и на добросостојбата на луѓето низ светот, па и во земјава.

„Иако постојниот закон за прекинување на бременоста во Македонија е полиберален од претходниот, тој сепак не предвидува покривање на трошоците доколку оваа здравствена услуга се бара поради социјални или материјални причини. Третирајќи го абортусот како есенцијална здравствена услуга само кога постои медицинска причина, Фондот за здравствено осигурување и останатите надлежни институции ги доведуваат во безизлезна ситуација жените кои не сакаат да ја продолжат бременоста и кои се во социјален ризик или живеат во сиромаштија“, се вели во реакцијата.

Од Платформата нагласуваат дека за неполна година, цените за абортус во приватните болници во Македонија двојно се зголемиле, па  сега оваа услуга чини 350-400 евра.

„Медикаментозниот абортус, односно, абортусот со лекови, кој е побезбедна и поевтина опција од хируршкиот метод, е достапен само на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, но не постојано поради дисконтинуитет во испораката на потребните лекови. Жените од другите градови, пак, ја немаат оваа алтернатива не само поради недостапните лекови, туку и поради недоволно обучениот кадар во локалните државни болници“, додаваат оттаму.

Од Платформата апелираат надлежните институции во земјава да ја препознаат потребата на сиромашните и маргинализираните жени за абортус и да овозможат финансиски достапни цени за оваа есенцијална здравствена услуга, особено во време на криза.

„Во спротивно, државата директно (ќе) ги турка жените во уште поголема сиромаштија и во социјална небезбедност, а не е исклучено и дека ќе ги присили да побараат поевтини нелегални опции за абортус, со што директно би биле загрозени нивното здравје и добросостојбата на нивните најблиски“, посочуваат од ПРЕ.

Организации-членки на Платформата за родова еднаквост се:

1. Tiiiit! Inc.
2. Бори се женски
3. Женска граѓанска иницијатива АНТИКО
4. Здружение женски форум
5. Здружение за еднакви можности Семпер
6. Здружение за локален рурален развој
7. Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР Скопје
8. Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска
9. Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ
10. Здружение за едукативен развој ЕКВАЛИС
11. Институтот за општествени и хуманистички науки
12. Коалиција Маргини
13. ЛезФем
14. Мрежа за заштита од дискриминација
15. Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
16. Националниот совет за родова рамноправност
17. Организација на жени на град Скопје (ОЖС)
18. Организација на жените на општина Свети Николе
19. Организација на жените “Кумановка“
20. Реактор – Истражување во акција
21. Рурална Коалиција
22. Стела
23. ТАКТ
24. Хелсиншки комитет за човекови права