Правниот факултет го осудува упадот на студентите во кабинетот на Каракамишева

Деканатската управа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, најостро го осудува однесувањето на група студенти коишто на 14 април 2016 година извршија упад во кабинетот на д-р Тања Каракамишева-Јовановска, редовен професор на Факултетот.

„Деканатската управа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје повикува на толерантност и почитување на различни мислења и јавно искажан став од страна на секој од вработените или од страна на секој од студентите на факултетот, велат од Деканатот.

Група студенти, револтирани од тоа што нивните професори и факултетот во целина не излегуваат со официјален јавен став во врска со помилувањата кои ги спроведе претседателот на државата Ѓорге Иванов, минатата недела прогласија бојкот на наставата на Правниот факултет и протестираа во просториите на факултетот. Тие влегоа и во кабинетот на професорката Каракамишева, која не одговараше на нивните прашања и ги снимаше со мобилен телефон.