[Видео] Бојкот на наставата на Правниот факултет

Стотина студенти на Правниот факултет околу пладне ја прекинаа наставата и побараа од нивните професори и од Правниот факултет како институција да го соопштат својот став по повод одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на сите политичари против кои се води кривична постапка.

Студентите побараа од колегите кои се уште ги слушаа предавањата да ги напуштат и да им се придружат во аулата на факултетот, каде со свирчиња и извици го изразија својот протест од, како што велат, молкот на Правниот факултет во моменти кога се урива правниот поредок на државата.

Студентите побараа итно ослободување на нивните колеги, кои вчеравечер биле уапсени за време на протестот пред Народната канцеларија на Иванов во центарот на Скопје.

„Наставата е симболично прекината од три причини: прва – бидејќи сметаме дека Правниот факултет е најповикан да го соопшти својот став за она што се случува, второ – бидејќи лицето кое ја урна уставноста на Македонија е човек чија функција моментално е во мирување, односно беше редовен професор на Правен факултет, а најверојатно треба да се врати по оваа функција и повторно да предава. И трето – затоа што сметаме дека е некоректно студентите на факултетот да имаат предавања, додека наша колешка е во притвор по вчерашните протести на кои баравме правда“, изјави Горан Таневски, еден од студентите кои ја бојкотираат наставата.

Студентите му порачаа на Иванов дека тој е непожелен на нивниот факултет, а најавија дека и вечерва ќе учествуваат на протестите, на кои, како што велат, се брани уставниот поредок на државата.

Група од околу триесет студенти го посети и кабинетот на професорката Каракамишева, која јавно ја поддржа одлуката на Иванов за аболиција. Професоркатане одговараше на нивните прашања и ги снимаше со мобилниот телефон.

Погледнете ја снимката од почетокот на блокадата:

prav-3prav-4