#ППЖ10: Самостојна изложба и промоција на книга од Невена Алексовски

Во рамки на десеттото издание на фестивалот „Прво па женско“, со своја изложба ќе се претстави Невена Алексовски, која е активна на словенечката независна уметничка сцена со бројни самостојни и групни изложби. На нејзината изложба „Земјата во нашите џебови“, која ќе се отвори на 13 октомври, четврток, ќе биде промовирана и нејзината книга „Меланхолија на напуштените краишта“.

Двата настани ќе бидат отворени со разговор со авторката во „Private print“, издавачката куќа зад делото на Алексовски, а изложбата, под кураторство на Јана Старделова, ќе биде отворена за јавноста до 13 ноември.

„Творештвото на Невена Алексовски произлегува од нејзиното истражување на семејните преселби, на припадноста и на односот кон земјата. Тргнувајќи од сопственото и семејното искуство на преселба, таа го претставува сложеното преплетување на историјата, родот и личните географии, дополнето со разновидни социо-политички пластови. Заедно со изложбата, нејзината книга, дополнително ни овозможува да ги проследиме патеките и личната динамика на нејзините претци“, објаснуваат организаторите.

Оттаму дополнуваат дека изложбата, како и книгата, се всушност комуникација со претците, со кои врската била прекината заради нивните преселби или заради предвремена смрт, каква што била смртта на нејзините баби и дедовци.

Преку изложбата, каде уметницата користи материјали како земја, камења, парчиња цемент, стари облеки и друг текстил, Алексовски го проучува односот со почвата, територијата, просторот, како и со ограничувањето, присвојувањето и исклучувањето.