Пожар во фабриката „Треска“ во центарот на Скопје

Кај поранешната фабрика за мебел „Треска“ во центарот на Скопје изби пожар. Од сите страни на градот може да се забележи голем густ црн чад кој се шири од локацијата.

Во моментов противпожарните екипи се на просторот и се обидуваат да го изгаснат огнот.

„Во моментов екипите на противпожарна служба со шест возила се на терен, поддржани од МВР и се борат со големиот пожар кој зафати дел објектите во „Треска“. Екипите на Општина Центар се упатија натаму да дадат поддршка на пожарникарите. Општина Центар формира кризен штаб за координација и поддршка на акцијата. Заради настанатиот метеж во овој дел апелирам оние кои можат да го заобиколуваат овој дел од градот“, напиша на Фејсбук градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Засега нема официјални информации како е предизвикан пожарот.

Видео: Призма / Фејсбук

Локацијата кај поранешна „Треска“ веќе неколку години е жешка тема во јавноста. Граѓанските активисти бараа на таа локација да нема дополнително градење згради и дополнителна груба урбанизација на централното градско подрачје, додека пак за приватните инвеститори локацијата е атрактивна за градење станбени објекти.

Општина Центар во ноември минатата година ги објави резултатите за предложените идејни решенија за локалитетот на фабриката „Треска“. Првонаграденото решение предвидува на локацијата да бидат изградени пет згради, деловен објект, градинка и парк.