Површинската фонтана на плоштад „Македонија“ под градежни зафати откако по петти пат во неа пропадна возило

Веќе неколку дена со црвени ленти е опкружена површинската фонтана на плоштад „Македонија“ во Скопје и според металните табли кои се поставени во непосредна близина, на неа се предвидени градежни зафати. Ова доаѓа откако пред една недела, во неа по петти пат пропадна возило.

Радио МОФ испрати прашања до Град Скопје, во однос на тоа кога се започнати градежните работи, колку средства ќе се издвојат за нив, кога се очекува тие да завршат и да се стави површинската фонтана во функција, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

фото: Радио МОФ

За случајот на 23 ноември кога товарно возило „фиат“ со турски таблички пропадна во површинската фонтана, информираше и МВР, од каде соопштија дека возачот имал дозвола за влез на плоштадот за снимање емисија пред „Камениот мост“. Од Град Скопје претходно негираа и посочија дека возилото на приватната компанија неовластено влегло на плоштадот, при што причинило материјално штета. Оттаму соопштија дека компанијата немала дозвола за движење на плоштадот, иако имале поднесено такво барање.

„Возачот, странец, државјанин на Турција е приведен и изведен пред суд. За овој настан МВР ќе поднесе и соодветен поднесок. Градот Скопје по извршениот инспекциски увид издадоа санкција која правното лице ќе треба да ја плати во рок од 10 дена, во спротивно ќе следи прекршочна и кривична пријава“, соопштија од Град Скопје пред една недела.

Ваквиот случај доаѓа откако претходно во неколку наврати пропаднаа возила во површинската фонтана на плоштадот. Последниот беше на 30 август. Претходната година пак, во март, во овој дел од плоштадот пропадна и машина за чистење. Во јули 2017 година пак, исто така пропадна камион додека се подготвуваше бината за пречек на ракометарите на „Вардар“ по освоената европска титула.

На површинската фонтана за првпат пропадна специјализирано комбе-чистач во 2016 година при чистење на површината на плоштадот.

Повторно пропадна камион на плоштад „Македонија“, Град Скопје најавува санкции

Површинската фонтана која ја изгради фирмата „Транс Мет“ е во склоп на проектот „Скопје 2014“ и ги чинеше граѓаните 2.560.110 евра, според податоците на базата на Призма.

Мартин Колоски