Повик за учесници во Новинарскиот клуб на Радио МОФ

Младински образовен форум и Радио МОФ, во рамки на проектот „Fostering activism through social media“, поддржан од National Endowment for Democracy, објавуваат повик за членови во Младински новинарски клуб кој ќе биде под менторство на Огнен Јанески, новинар со 20-годишно работно искуство и актуелен уредник во ТВ24.

Членовите ќе имаат можност да работат на изработка на вести, подкасти, емисии, видеа и истражувачки стории кои ќе бидат објавувани на Радио МОФ.

Средбите на клубот ќе се одвиваат 2-4 пати во месецот во договор со менторот, на онлајн платформата Microsoft Teams, во периодот ноември 2020 – јуни 2021. Членството во новинарскиот клуб е бесплатно и вкупно 20 млади ќе имаат можност да ги следат предавањата.

Пред почетокот на средбите на клубот, учесниците ќе посетат тридневен онлајн тренинг каде што ќе се здобијат со практични знаења за пишување на вести, идентификување на јавниот интерес и креирање на продукт според новинарските стандарди.

Единствени услови кои заинтересирани апликанти треба да ги исполнуваат се: да покажуваат интерес и разбирање за новинарството и да се во можност да учествуваат на трите денови од тренингот.

Работниот јазик на средбите во клубот и тренингот ќе биде македонски.

Сите заинтересирани можат да се пријават најдоцна до 25 октомври 2020 година (недела) 23:59, преку пополнување на апликацијата на следниот линк. Доколку имате прашања, можете да нѐ исконтактирате на nina_mircevska@radiomof.mk или на телефонскиот број 02/3139 692.

Радио МОФ е алтернативен онлајн медиум кој преку продукција на независни и објективни програмски содржини, водени токму од млади автори, се обидува да понуди квалитет, диверзитет и етичност во младинското информирање, со цел да се развијат дискусии кои ќе бидат од корист за младата генерација.

Радиото продуцира и споделува музички и информативни содржини на www.radiomof.mk.