Повик за едукативна столарска работилница за хобисти

Столарски центар отвари повик за хобистите столари од Скопје, кои сакаат да ги усовршат своите вештини под инструкторство на професионален столар.

„Оваа прва столарска работилница за хобисти ја остваруваме во соработка со Д-фестивал (Пасворд продакшн) и инспирацијата за овој прв хоби столарски проект низ кој ќе се усовршуваат, односно учат нови вештини, е самиот фестивал’, велат од Столарски едукативен центар.

Столарска работилница за хобисти ќе трае од 26 мај до 9 јуни, секој вторник и четврток, по два часа, во просториите на Пасворд продакшн, каде се одвиваат активностите на Столарскиот едукативен центар, на ул 8ма Ударна бригада бр. 39/-1.

Првиот термин е на 26 мај од 17:30 часот.

„Наменета е за хоби столари кои имаат основно знаење и искуство, а сакаат да ги подобрат своите вештини преку работа под водство на искусен, професионален столар. Охрабруваме да се пријавуваат жени“, велат организаторите.

Дополнително, посочуваат дека во работилницата го имаат потребниот алат и материјали за спроведување на активностите.

„Ваше е да понесете лична заштитна опрема (заштитни наочари, заштитни ракавици, FFP2/N95 маска и тампони за уши) и да сте соодветно облечени за работа и можна прашина“, стои во повикот.

Работичницата е ограничена на 10 лица, со цел да се овозможи ефективно пренесување на знаењата од столарот и за да се овозможи комоција на движење и работа во просторот.

Работата во рамки на оваа работилница ќе се одвива во парови. При пријавувањето заинтересираните се пријавуваат како поединец, а паровите се формираат на првата средба. Пријавувањето е на принципот – прво пријавени – прво запишани.

Материјали кои ќе се употребуваат: иверка.

„Материјалите кои ќе се користат на работилницата се остаток од производството на мебел, со што успеваме да го намалиме отпадот кој се создава во мебел индустријата. Во столарството не постои отпад, само парчиња кои допрва треба да најдат употреба“, стои во повикот.

Предметите кои ќе бидат изработени во рамки на работилницата која е поддржана од ГЕФ ПМГ РСМ, ќе бидат донирани, односно подарени и изложени на Д-фестивал за да ги користат посетителите, а столарите да бидат промовирани пред јавноста.

Оваа работилница е дел од проектот Столарска едукативна работилница за намалување на отпадот од индустријата за мебел во Скопје, споведуван од здружението на граѓани Одржливи инивијативи од Скопје, а финансиски поддржано од ГЕФ ПМГ РСМ. Компании поддржувачи на работилницата: Акрон, Фамод, Бранимир компани, Про-дизајн, Југоимпекс, Дрвотекс, Блажич, Монозеро, Прима промет, Биба терк, Инфини студио и Пасворд продакшн.

„Благодарение на таа поддршка, пилот работилнициата ќе биде бесплатна“, стои во повикот.

Повеќе информации и пријавување на www.inicijativi.org.mk