Повеќе од 200 милионери ги повикаа лидерите во Давос да ги оданочат повеќе додека нееднаквоста се влошува

Богат Британец е меѓу групата милионери во Давос кои се залагаат владите повеќе да ги оданочуваат оние како него за да го премостсат јазот во богатството, за кој тој предупредува дека го распрачува светот, пренесува Франс 24.

Во интервју за АФП на маргините на Светскиот економски форум (СЕФ), Фил Вајт рече дека е вознемирен од тоа како богатите станале уште побогати додека просечните луѓе страдале за време на пандемијта на коронавирусот и бидејќи цените на храната и енергијата вртоглаво се зголемиле.

„Многу сум среќен да плаќам повеќе даноци, сакам мојата влада да ме оданочи и да ги оданочува луѓето како мене“, рече Вајт.

Вајт е меѓу повеќе од 200 „милионери патриоти“ од 13 земји кои ја испраќаат истата порака до светската политичка и глобална елита во швајцарското алпско село Давос.

„Треба да го намалиме нивото на богатство, и владата треба да наметнува даноци на богатство за да ги намали нееднаквостите“, рече Вајт.

Помеѓу милионерите во Давос кои вчера испратија отворено писмо до Светскиот економски форум во кое бараат повеќе даноци за богатите се „луѓе кои наследиле, луѓе кои работеле, претприемачи, трговци, цела мешавина на потекло“, рече тој.

Пораката на милионерите беше поткрепена од невладината организација „Оксфам“, која рече дека нееднаквостите драстично се влошиле во последните десет години.

Само од 2020 година, богатството на милијардерите се зголемува за 2.7 милијарди долари дневно, иако инфлацијата ги надмина платите на најмалку 1.7 милијарди работници ширум светот, се вели во извештајот на „Оксфам“ на отворањето на СЕФ во понеделникот.

„Оксфам“ повика на даноци по стапки кои прогресивно го редистрибуираат богатството и ја намалуваат екстремната нееднаквост.