Повеќе од 18.000 деца-бегалци без придружба исчезнале во последните три години

Повеќе од 18.000 деца-бегалци кои стигнале во Европа исчезнале во последните три години, покажува ново истражување, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Според анализата на новинарската група „Изгубени во Европа“, во која се вклучени репортери од лондонски „Гардијан“, холандски „ВПРО“, германски „РББ“ и други медиуми, од 2018 до 2020 година, во Европа исчезнале 18.292 деца кои пристигнале како „малолетни бегалци без придружба“, за кои биле одговорни институциите на европските држави.

Можно е да исчезнале и повеќе деца, бидејќи има големи разлики во обработката на податоците во државите. Франција, Данска и Романија не собираат податоци од таков вид, додека Бугарија не прави разлика помеѓу малолетни деца кои доаѓаат со старатели и оние кои доаѓаат сами.

Европската комесарка за внатрешни работи Илва Јохансон наведува дека Брисел ги упатил земјите-членки на ЕУ дека „тие мора да сторат повеќе против исчезнувањето на децата-бегалци, вклучително и за подобро собирање податоци“.

Претставничката на меѓународната организација за детски права „ECPAT“, Верена Кек смета дека реалниот број на деца кои губат трага во Европа е всушност многу поголем. Таа ја критикува ЕУ за заедничкото нерешавање на проблемот, и за немањето централен регистар за исчезнати лица.