„Постоиме!“, започнува кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе

Под мотото „Постоиме!“ денес започнува кампањата за одбележување на Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, во организација на Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФорма“. Пораката која ја пренесува кампањата, соопштуваат од „Трансформа“, е дека трансродовите граѓани се во подеднаков ризик по сопственото здравје како и сите останати.

„Моменталната состојба  потсетува на фактот дека здравјето на секој граѓанин е од примарна важност. Иницијативата ТрансФорма има податоци за случаи во минатото, неповрзани со сегашната ситуација, кога трансродовите лица, поради стигматизација,  предрасуди и дискриминација заради својот изглед или своите документи, не добивале здравствени услуги кога им било најпотребно“, соопштуваат оттаму.

Со кампањата, додаваат оттаму, иницијативата се залага за достигнување на највисок можен степен на здравје на сите граѓани, а истовремено се укажува и дека здравствената заштита и здравствените права на транс лицата треба да бидат неприкосновено право како и за сите граѓани.

„Но, здравствената заштита за транс лицата останува се уште огромен предизвик заради несоодветното постапување и непочитување на правата од страна на институциите на системот. Неможноста за промена на личните документи, значи и непристапност до основни здравствени услуги, но Управата за водење на матичните книги, која е надлежна за промена на ознаката за пол во личните документи се уште не ја спроведува одлуката на Европскиот суд во Стразбур и покрај многубројните реакции и барања“, велат од „Трансформа“.

Од „Трансформа“ потсетуваат дека „лицето Х“ се уште чека, иако помина една година и два месеци од позитивната пресуда на Европскиот суд за човекови права, но, како што додаваат чекаат и неколку други лица, чија ситуација не е помалку стресна.

„Ја прашуваме Управата дали знае дека со оставање на трансродовите лица во позиција на чекање и неусогласени документи го попречува нивниот пристап до здравствени услуги? Истакнуваме дека иако е вонредна состојба, постојат одредени права кои се неприкосновени дури и за време на вонредна состојба. Едното од тие права е да се биде признат пред законот. Ја прашуваме Управата дали има намера да го испочитува ова неприкосновено право на трансродовите граѓани кои веќе долг период чекаат пред нејзините врати? Дали самоволието на Управата е поважно од неприкосновените права? Дали самоволието на Управата е поважно од здравјето?“, прашуваат од „Трансформа“.

Оваа кампања, велат од иницијативата, има за цел да го предизвикува системот да обезбеди еднаквост, а додаваат дека видливоста на трансродовите луѓе значи еднаков пристап до здравтвени услуги во овој тежок период.

„Видливоста во пракса значи почитување на одлуките на Европскиот Суд, но и почитување на трансродовите луѓе кои се граѓани на нашата држава и обезбедување достоинствен живот.  Видливоста на трансродовите луѓе значи општество на еднакви граѓани и спроведување на принципот на еднкавост. Го одбележуваме овој ден, не само во знак на видливоста, туку и на квалитетите со кои сакаме да живееме во нашето општество: солидарност, емпатија, меѓусебно почитување и соработка. Само со нивна примена ќе ги надминеме препреките кои стојат пред сите нас како граѓани. Само со нивна примена ќе стигнеме до нешто подобро“, додаваат од „Трансформа“.