Коалиција Маргини во Судот од Стразбур доби позитивна пресуда за трансродово лице од Македонија

Коалиција Маргини денес во Европскиот суд за човекови права во Стразбур доби позитивна пресуда во случајот „X против Македонија“ во кој Судот утврди дека постоечката законска рамка има јазови и сериозни недостатоци кои го довеле транс лицето во ситуација на стрес и несигурност во признавањето на неговиот родов идентитет.

По оваа одлука, велат од Коалицијата, Македонија има обврска да донесе закон кој ќе им овозможи на трансродовите луѓе брза, транспарентна и пристапна постапка за правно признавање на родот.

Судот на транс лицето му додели 9.000 евра нематеријална штета за претрпен стрес во изминатиот период.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, лицето „Х“ е роден во 1987 во Македонија како девојче. Но од најрано детство тој се доживува како машко. „Икс“ е трансродово лице, односно лице кое чувствува дека неговиот род не соодветствува со полот во кој што е роден.

Во 2010 година, „Икс“ ја започнува постапката за менување на полот, со што за него почнуваат правните и административните замки кои ќе го наведат, неколку години подоцна, со поддршка на Коалицијата Маргини, да ја тужи државата во Стразбур.

Во клиника во Белград специјализирана во овие прашања, „Икс“ се консултирал со психолог и со сексолог кои кај него „дијагностицирале транссексуалност“, а почнал и хормонска терапија за да ја зголеми стапката на тестостерон во организмот.

При неговото враќање во Македонија, меѓутоа, и покрај фактот што МВР прифатило да му биде сменето името во личните документи, ознаката за пол останала „женски“, затоа што процедурата за менување на оваа ознака во Македонија се прави според различен закон од оној за промена на името.