Во текот на месец јули, во неколку наврати избувнуваа пожари во близина на Паркот на природа „Езерани“. Пожарот кој се случи на 20 и 21 јули беше со најголем интензитет и предизвика огромни последици врз квалитетот на живот на локалното население, биолошката разновидност, како и квалитетот на водите од Езерото. Пламените јазици проголтаа над 500 хектари површина, главно природа која треба да биде гордост во претставување на нашите природни вредности пред светот, истакнуваат од Македонско еколошко друштво (МЕД).
Изминатите денови тимот на МЕД предводен од Лазар Николов изврши детална анализа на состојбите на терен, при што беше утврдено дека пожарот изгорел околу 200 хектари трска, над 160 хектари шуми и галерии од врби и тополи, околу 100 хектари на ливадски заедници, околу 30 хектари шуми од евла, околу 15 хектари земјоделски насади и овоштарници, како и 10 хектари преодни вегетациски типови од најблиското крајбрежје на езерото.
View this post on Instagram
„Нашите првични согледувања на терен се дека околу 50% од зафатените површини од шуми и овоштарници се целосно уништени. За да се добие перцепција за сериозноста на ситуацијата, можеме да истакнеме дека скоро половина од копнената површина на Паркот на природата ‘Езерани’ настрада во овој пожар, предизвикувајќи штети во вредност од милиони евра. Сакаме да истакнаме дека Паркот на природа ‘Езерани’ е прогласено за заштитено подрачје од IV-та категорија според Закон за заштита на природа, согласно критериумите на Меѓународниот сојуз за заштита на природа (IUCN), а според нашите согледувања ‘Езерани’ претставува национално и светско природно богатство со кое треба да се гордее целата држава. Искрено жалиме за целата настаната штета која ја претрпе Преспа и се обврзуваме дека и во иднина ќе продолжиме да работиме на подигање на јавната свест за значењето на природата“, посочува Лазар Николов.
Од Паркот на природата „Езерани“ додаваат дека во годините наназад, во и околу паркот, се сведоци на предизвикани пожари од помали размери кои се карактеристични во периодот февруари-април кога вегетацијата е многу слабо равиена, претставувајќи олеснителна околност при осмислување стратегии и тактики за брзо спречување на ширењето пожарите. Меѓутоа во ваков сушен период од годината, со толку многу лесно и брзо горлива вегетација, пожар од ваков интензитет и размери е незапаметен.
Видео/фото: Лазар Николов и Драгана Пеликудовска-Трајчевска (МЕД)